Иран е колевка на древната персиска цивилизација. Името Иран е изведено од праиранскиот збор Арианам со значење „земја на Аријците“, додека првите записи на кралот Ардашир I на средно-персиски јазик, на камениот релјеф Накш-е Рустам ги спомнуваат иранските народи под името Еран, односно Ариан на партскиот јазик. Иран во светот бил познат под името Персија уште од 6. век п.н.е., па сè до 1935. година, кога тогашниот крал Реза Шах побарал од меѓународната заедница во иднина земјата да ја нарекува Иран. Неколку години подоцна иранската академска јавност му упатила протест на Шахот, тврдејќи дека со новото име земјата се оддалечува од своето културно-историско наследство, така што кралот Мохамад Реза донел одлука двете имиња да бидат во службена употреба – Иран и Персија. Така името Иран воглавно се користело во службен административно-политички контекст, додека терминот Персија се користел во културно-историски контекст. По Исламската револуција во 1979. година, востановено е ново име – Исламска Република Иран, кое денес е во службена употреба. |
Исламската Република Иран се наоѓа во Југозападна Азија, заземајќи површина од 1.648.000 квадратни километри. На север излегува на Каспиското Езеро и се граничи со Туркменистан, Азербејџан и Ерменија. На исток се граничи со Авганистан и Пакистан, а на запад со Турција и Ирак. Јужните делови на земјата излегуваат на Персискиот Залив и на Оманското Море. Вкупната должина на копнените граници на Иран изнесува 5.170 километри, а на водените – 2.510 километри. Најниската точка се наоѓа во областа на Каспиското Езеро, на надморска височина од -28 метри, додека за највисока точка се смета врвот на планината Дамаванд, со надморска височина од 5.671 метар. |
Бројот на жители на Иран, според цензусот од ноември 2006. година, изнесува 70.495.782. Етничкиот состав на населението е: Персијци 51%, Азери 24%, Гиланци и Мазандаранци 8%, Курди 7%, Арапи 3%, Лури 2%, Балучи 2%, Туркмени 2% и останатите 1%. |
Во поглед на религијата, исламот е најзастапена вероисповест. Муслиманите сочинуваат околу 98% од населението, од тоа 89% се шиити, а 9% сунити; додека припадници на останатите вероисповести како зороастриската, еврејската и христијанската, има околу 2%. |
Кога станува збор за јазиците, и тука доминира изразена разноликост. Повеќе од половина од населението на Иран – околу 58% – зборува персиски јазик или некој од неговите дијалекти, додека туркиски јазици и дијалекти зборува 26% од популацијата, курдски 9%, лори 2%, балучи 1%, арапски 1%, турски 1%, а останатите јазици се застапени со околу 2%. |
Населението воглавно е концентрирано на север, северозапад и исток на земјата, кајшто умерената клима е погодна за развој на земјоделството, индустријата и останатите стопански дејности, како и долж крајбрежјето на Каспиското Езеро и Персискиот Залив. Централните области на Иран слабо се населени, или се скоро потполно ненаселени, со оглед на тоа дека овие делови на земјата се прекриени со пустина. |
Иран е поделен на триесет покраини (остан) кои претставуваат одделни административни области. Покраините се делат на окрузи (шахрестан), а тие понатаму на реони (бакш) и дистрикти (дехестан). Главен град и административен центар на Иран е градот Техеран, со 7,7 милиони жители во потесното градско подрачје, односно околу 13 милиони жители вклучувајќи го и населението во предградијата. Техеран е град кој, благодарение на етничкиот состав на своето население, се нарекува и „град на 72 нации“. Други поголеми градови се Машхад – со 2,8 милиони жители, Есфахан – со околу 2 милиона жители, потоа Караџ, Табриз, Шираз и други. |
Иранската валута е риал (IRR), интернет домен е .ir, повикувачки број +98, а локалното време (IRST – иранско стандардно време) е +3:30 UTC/GMT (+2:30 во однос на Македонија). |