Важечкото државно знаме на Иран е усвоено на 29. јули 1980. година и претставува осврт кон промените кои Исламската револуција му го донела на Иран. На основниот план на знамето се протегаат три хоризонтални ленти – зелена на врвот, бела во средината и црвена на дното – кои ги симболизираат исламот, мирот и храброста. Овој основен план е во употреба уште од почетокот на 20. век. Државниот грб на Иран е во црвена боја и сместен е во центарот на средишната бела лента, што има повеќе значења. Основното значење на грбот, пак, е геометриски симетрична форма на зборот Allah (الله), како и симболот на клучниот мотив на исламот „Lā ʾilāha ʾillā l-Lāh“ што значи „Нема друг Бог освен Алах“ (самиот збор Allah, всушност, значи Бог, па тоа буквално би значело „Нема друг Бог освен Бог“) кој е добиен со преклопување на сегментите, со што се добива монограм. Грбот се состои од симболички прикази на четири полумесечини и еден меч. Четирите полумесечини го обликуваат зборот Allah од десно на лево: првата полумесечина ја претставува буквата Alef (А), втората – буквата Lām (Л), мечот во вид на исправена линија во средината е второто Lām (Л), а третата и четвртата полумесечина заедно ја формираат буквата He (Х). Над мечот – во центарот на грбот – се наоѓа ташдид (дијакритички знак за подвојување на гласовите, кој личи на буквата W, односно на отворена книга). Мечот претставува моќна и независна држава. Самиот облик на грбот е избран за да ги асоцира луѓето на црвено лале, во знак на сеќавање на многу – воглавно млади – луѓе кои ги дале своите животи за Иран, во склад со народното верување дека црвените лалиња растат на места кајшто е пролиена крв на свети маченици, со што им се оддава почест на патриотизмот и пожртвуваноста. Исто така, грбот има големи сличности со древните симболи од времето на Сасанидите, кои најчесто се среќаваат на кралските круни и кованици. Нацртот за овој симбол го дал Хамид Надими, а официјално го одобрил Ајатолахот Хомеини на 9. мај 1980. година, откога е во службена употреба во Иран. Од друга страна, постои уште една димензија на грбот на Иран која може да се интерпретира на следниов начин: |
|
Некои накнадни промени на знамето на Иран се воведени непосредно по Револуцијата, во вид на натпис на рабовите помеѓу белата и зелената, и белата и црвената лента, кој гласи: „Allāhu Akbar“ („Бог е велик“). На знамето овој мотив е напишан дваесет и два пати (по единаесет во секој од двата реда), и тоа го симболизира 22. ден од 11. месец (бахман) по персискиот календар – денот на Исламската револуција (22. бахман 1357., односно 11. февруари 1979. година). Со додавањето на овој натпис, иранското знаме станало конечно и незаменливо. Интерeсно е уште да се спомене и дека грбот на Иран е вклучен во распоредот на симболи, во категоријата „Останати симболи“, коден знак U+262B |
Националната химна на Исламската Република Иран (персиски: سرود ملی جمهوری اسلامی ایران ; транскрипцијa: "Sorood-e Melli-e Jomhoori-e Eslami-e Iran" ili "Sorood-e Melli-ye Jomhoori-ye Eslami-ye Iran") ја компонирал Хасан Ријахи, додека текстописци се повеќе автори. Оваа химна е усвоена во 1990. година, заменувајќи ја дотогашната химна „Еј, Иран“ која била на снага во време на Aјатолахот Хомеини. |
На оригиналниот текст на химната на Иран |
Транскрипција | Превод |
سر زد از افق، مهر خاوران | Sar zad az ofoq mehr-e-khâvarân | Од хоризонтот на истокот светлина1 се појави |
فروغ دیده ی حق باوران | Foruq-e-dideye haq bâvarân | Жар во очите на правдољубивите2 верници |
بهمن، فرّ ایمان ماست | Bahman, farr-e-imân-e-mâst | Бахман3 врв на нашата цврста вера |
پیامت ای امام، استقلال، آزادی | Payâmat ey Emâm, esteqlâl, âzâdi, | Поуката твоја, Имаме4 , за независноста5 и слободата |
نقش جان ماست | naqsh-e-jân-e-mâst | Ја носиме во своите души како печат |
شهیدان، پیچیده در گوش زمان فریادتان | Shahidân, pichide dar gush-e-zamân faryâdetân | Маченици! Вашите гласови во ушите на вечноста ечат: |
پاینده مانی و جاودان | Pâyande mâniyo jâvedân | Да живее, да трае, вечна да биде, |
جمهوری اسلامی ایران | Jomhuri-ye-eslâmi-ye-Irân | Исламската Република Иран. |
1 Mehr: сонце; светлина; љубов; блаженство | ||
2 Haqq: вистина; правда; правдољубивост; Бог | ||
3 Bahman: благородност; месецот во кој се одиграла Исламската револуција | ||
4 Imam: водач; титула на Ајатолахот Хомеини | ||
5 Esteqlal: самостојност; независност |