Персискиот Залив опфаќа површина од 240.000 километри квадратни, овозможувајќи му на Иран поморска врска со останатите делови на земјината кугла преку Хормускиот Проток. Најголемите ирански острови се наоѓаат претежно во Персискиот Залив и Хормускиот Проток. Тоа се островите Кешм, Киш, Лаван, Ларак, Хормуз, Хенгам и Форур Бозорг. Најважни пристаништа во Персискиот залив се Абадан, Хорамшар, Бендер Имам Хомеини, Махшар, Дејлам, Риг, Бушер и Бендер Абас.
Името на водната површина која ги раздвојува Арапскиот Полуостров и Иранската Висорамнина, историски и меѓународно позната како Персиски Залив – според територијата на древното Персиско Царство (која денес се вика Иран) – почнувајќи од 1960-ите години е оспорувано од страна на некои арапски земји. Ривалитетот помеѓу Персијците и Арапите, заедно со појавата на панарабизмот и арапскиот национализам, довел до тоа повеќето арапски земји да почнат да го користат името Арапски Залив. Водени од своите интереси во арапскиот свет и спроведувајќи политика вперена против Иран, повеќето светски економски и воени сили во последно време се обидуваат да ја наметнат оваат нелегитимна промена на името на Персискиот залив, извитоперувајќи ги историските факти и на тој начин вршејќи индиректен напад врз идентитетот и интегритетот на Иран.
Многубројни истражувачи и писатели кои твореле во периодот од последните неколку десетици векови, во своите дела го спомнувале името Персиски Залив (Persian Gulf на англиски, Khaliǰ-e Fars на персиски јазик). Во светот има стотици древни мапи и повеќе од неколку илјади важечки географски карти кои сведочат за вековното постоење на Персискиот Залив токму под тоа име, но и покрај легитимноста на историските факти, Персискиот Залив во последно време ја доживува судбината на многу географски одредби чијшто назив се менува на мала врата – што како резултат на актуелни политички превирања, што поради задоволување на интересите и амбициите на светските моќници.
За неправдата да биде уште поголема, оние кои се залагаат името на Персискиот Залив да се промени во Арапски Залив, се користат со секакви начини својата неприфатлива идеја индиректно да ја пласираат во јавноста. Како пример може да послужи името на една авио-компанија (Arabian Gulf Airlines) која со самиот натпис на своето име на авионите, оваа нелегитимна измена им ја наметнува на патниците по аеродромите ширум светот. Тука е и масовното печатење на името Арапски Залив на кутиите за кибритчиња кои им се делат на посетителите на хотелите и рестораните, потоа печатењето на неточни географски мапи во списанието National Geographic, па дури и бришењето на името Персиски Залив од некои документи во музејот Лувр во Париз. Наведените примери се јасен доказ за заткулисните игри на извесни групи на интерес кои настојуваат еден од најзначајните заливи на светот да го лишат од името кое отсекогаш го носел, на тој начин сквернавејќи го не само наследството на древна Персија, туку и цели поглавја на општоприфатената светска историја.
Несомнено, името на Персискиот Залив не е врзано само за припадноста на една нација или етничка група, и не датира од неколку стотици години наназад, туку тоа е историски факт кој постои запишан во историјата веќе илјадници години. Од самите почетоци на пишаната историја на светот, стотици документи и историски докази укажуваат на тоа дека името Персиски Залив постоело уште од самите почетоци на цивилизацијата, па со самото тоа има цврсти историски корени. Името Персиски Залив со векови било општоприфатено како единствено име на овој залив во целокупната светска литература, сè до неодамнешната појава на западната пропаганда против Иран.