Археолошките наоди на локациите на бројни приморски градови на Персискиот Залив, како што се Бушер, Харк, Сираф и пристаништето Тахери, укажуваат на постоењето на 6.000 години стара цивилизација долж јужниот брег на Иран, односно Персија, што докажува дека Персискиот Залив се вика така од историски втемелени и оправдани причини, според татковината на народот на древното Персиско Царство.
Иако недостигаат прецизни пишани историски документи во врска со многу прашања и случувања во периодот на еламитската, медиската и асирската цивилизација, постојат недвосмислени и веродостојни податоци за имињата кои се користеле во таа ера. Така Асирците морето кое се наоѓало јужно од Иран го нарекле Narmarratu, што значи Горка Река, а 3.000 години по населувањето на ариските племиња во правец на југот на Иран, народот кој се викал Парси го започнал своето владеење на тоа подрачје и на заливот му го дал своето име – Парс.
Кога грчките морепловци околу 1000. година п.н.е. впловиле во водите на Персискиот Залив, во нив затекнале многу бродови – што трговски, што воени – и морепловци кои биле познати под името Парси. Така грчките географи во своите мапи забележале дека земјите кои се наоѓаат на Иранската Висорамнина се викаат Земји на Парсите (или Персија), а заливот чиишто води се брануваат на нивните јужни крајбрежја – Персиски Залив. Проширувајќи ја својата територија и култура, Грците го пренеле ова име и на другите народи, па оттаму името на Персискиот Залив станало општоприфатено во целиот свет.
Д-р Парвиз Афшари, шеф на Истражувачкиот центар за блискоисточни студии и Персискиот Залив при Министерството за надворешни работи на Иран, на симпозиумот со име „Персискиот Залив, повеќемилениумски ирански идентитет" одржан на Универзитетот за проучување на природните ресурси во иранскиот град Горган, во врска со оваа тема го истакнал следново: „Ахеменидите во своето време, што значи 600 години п.н.е. немале никакво искуство во поморството и едрењето, а тие знаења и вештини со тек на време ги стекнале од Феничаните."
Дури и арапските историчари, покрај останатите, во врска со тоа наведуваат дека за многу кратко време народите на древна Персија до таа мера ги совладале поморските вештини, што подоцна не само што го усовршиле дотогаш познатиот поморски транспорт, туку почнале и да вршат поморски работи за народите на другите земји. Покрај тоа, правеле и мапи на поморските патишта за потребите на многубројни земји од тоа време кои се бавеле со поморски транспорт. По династијата на Ахеменидите, традицијата ја продолжиле и династиите на Партијците (Ашканидите) и Сасанидите, при што името Персиски Залив и понатаму било користено од страна на владетелите на споменатите династии, и од страна на остатокот на тогашниот свет.
Оваа тенденција продолжила и во текот на наредните векови. За време на владеењето на династијата на Сафавидите, положбата на Персиското Царство, а со самото тоа и на Персискиот Залив, зајакнала. Кога шахот Абас ги протерал португалските колонизатори од тогашното пристаниште Comorão (или Гамрун) – стратешки најважно во Персискиот Залив – и му го променил името во Бендер Абас (Bandar-e 'Abbās – пристаниште Абас), конечно бил ставен персиски печат на идентитетот на Персискиот Залив. По згаснувањето на династијата на Сафавидите, односно, во време на Афшаридите и Зандијците, а посебно во периодот на Каџарите, поморските комуникации станале средство од клучна важност во светската политика. Истовремено, територијалната надмоќ на Иран ослабела поради колонијалните амбиции на Германија, Холандија, Италија, Шпанија, Русија, и сè поприсутната британска доминација на овие простори. Жестоката конкуренција на царска Русија и Британија во поглед на стекнување на контрола над скапоцените нафтени извори долж брегот на Персискиот Залив, ги ослабнала иранските моќи и влијанија, па неизбежно отворила простор за британска превласт во оваа област. И така, сам се наметнува заклучокот дека ако сакаме да дознаеме на кој начин и колку долго се сквернави името на Персискиот Залив, доволно е уште еднаш внимателно да го загледаме развојот на настаните врзани за нафтените резерви на Иран.
Интересно е да се спомне дека дури и португалските колонизатори, за целото нивно време на владеење во регионот на Персискиот Залив (1507–1622), во сите свои преписки и документи секогаш го наведувале името Персиски Залив. Меѓутоа, по конфискувањето на имотот на Британската нафтена компанија (денешен British Petroleum), протерувањето на останатите англиски компании и прекинот на односите помеѓу Иран и Велика Британија на почетокот на 50-ите години од минатиот век, британското Министерство за надворешни работи првпат во своите дописи почнало да го користи новото име – Арапски Залив. И тоа е, всушност, првиот документиран атак врз името на Персискиот Залив, а со самото тоа и врз интегритетот на Иран.
Page 2 of 4
Историја на Персискиот Залив