Политичка позадина на нарушувањето на интегритетот на Иран

Во 1966. година, сер Чарлс Белгрејв, претставник на британската круна во регионот на Персискиот Залив, при крајот на својата мисија, а во време кога Обединетите Арапски Емирати сè уште биле англиска колонија, издал книга со наслов „Арапски Залив", во која имплицира дека, со оглед на тоа што арапскиот свет исклучително би ценел кога Персискиот Залив би се викал Арапски, токму тоа треба да се стори – да му се промени името!
Во врска со тоа, во архивите на британската службена документација постои извештај под наслов „Персиски Залив", во кој британските агенти наведуваат дека, иако Британија го признава историското име на Персискиот Залив, тоа име е во спротивност со британските интереси, па се истакнува неопходноста на промената на името во Арапски Залив.
Д-р Афшари вели: „Првиот официјален и јавен обид за промена на името на Персискиот Залив досегнува до средината на 1930-ите, кога зад тоа стоела британската колонијална политика. Во 1930. веќе споменатиот сер Чарлс Белгрејв, тогашен британски претставник во регионот на Персискиот Залив и политички советник на емирот (владетелот) на државата Бахреин – која со векови наназад била една од иранските покраини и сè уште немала статус на самостојна држава – поднел извештај во кој ѝ советува на британската влада да ја искористи веќе испробаната и докажана британска политика „подели, па владеј", за Британија да си ја зајакне својата позиција во Заливот. А тоа, според неговото мислење, најефикасно можело да се постигне доколку името на Персискиот Залив се промени во Арапски Залив. Овој предлог бил сериозно разгледан во англиската влада, но бидејќи во тоа време Германија на Британската Империја ѝ претставувала жестока конкуренција со тоа што почнала да ги зајакнува своите позиции во регионот, се сметало дека не е погоден момент за таквата акција, па не се сторило ништо по тоа прашање. Меѓутоа, во 1963. година, британскиот дневен весник The Times во една од своите статии првпат јавно го објавил името Арапски Залив, со тоа покажувајќи дека оваа идеја не била дефинитивно отфрлена и дека одредени кругови на интерес во британската влада истрајно лобирале во корист на спроведување на споменатиот предлог.
Некои лидери на арапски земји безрезервно ја прифатиле таквата иницијатива, па по Втората светска војна, поточно од 1957. година, Ирак во своите прогласи и извештаи почнал да го користи името Арапски залив. По низата државни удари, во 1958. година на власт дошол Абдел Керим Касим, кој ја интензивирал антииранската пропаганда, а со самото тоа и пропагандата против Персискиот Залив."
Како главна причина за оваквата постапка, д-р Афшари го наведува острото соперништво помеѓу ирачкиот премиер Абдел Керим Касим и египетскиот претседател Гамал Абдел Насер околу позицијата на лидер на арапскиот свет, што го навело ирачкиот врховен водач – со цел да стекне предност по ова прашање – првпат во арапскиот свет јавно да го употреби нелегитимното име Арапски Залив. Но поради внатрешните конфликти во самиот Ирак, а и поради тоа што Ирак во арапскиот свет немал позиција која би можела да се мери со позицијата на Египет, овој обид останал без резултат, па и самата идеја уште еднаш замрела. Во 1960. година, по заладувањето на односите помеѓу Иран и Египет како резултат од Арапско-израелската војна, ирачката националистичка партија Баас (Ba'ath) одржала конгрес во сириската престолнина Дамаск, во присуство на лидерите на Сирија, Ирак и Египет, на кој арапските лидери се сложиле дека е неопходно со сите достапни средства да му се спротивстават на тогашниот ирански шах, па и официјално повикале на промена на името на Персискиот Залив во Арапски Залив и барале во целата официјална комуникација и кореспонденција во иднина да не се користи името Персиски Залив.
Со таа цел почнало систематско бришење на името Персиски Залив. На пример, на една од најстарите улици во египетската престолнина Каиро која првобитно се викала „Персиски Залив", името ѝ било променето во име на некоја од познатите египетски јавни личности. По првиот вооружен судир помеѓу Ирак и Иран во 1970. година и несогласувањата со Обединетите Арапски Емирати во 1971. година, ширум арапскиот свет почнала медиумска пропаганда против Иран во вид на употреба на името Арапски Залив, а извесни фанатични лидери издале објави и прогласи во кои се повикува на бојкот на името Персиски Залив. Оттогаш па натаму, во периодот помеѓу 1970. и 1990. година, не само што било оспорувано и обезвреднувано историското наследство на Персиското Царство, туку во некои земји – како на пример, Ирак, во кој Садам Хусеин веќе бил дојден на власт – се издавале нови учебници по историја во кои никаде не се спомнува името Персиски Залив, туку исклучиво Арапски.
Д-р Афшари смета дека партијата Баас, која во Ирак била на власт од 1968. година, била далеку поупорна од египетските владејачки структури во иницијативата да се користи нелегитимното име Арапски Залив наместо легитимното: Персиски Залив. Тоа се покажало во фалсификувањето на историјата во споменатата измена во историските учебници, бидејќи сè дотогаш, а и долго потоа во целиот свет, па и во арапскиот, се користело името Персиски Залив.
Според неговите зборови, Иран потоа презел одредени чекори во знак на протест против фалсификувањето на историјата, а со цел да го потврди својот национален идентитет и територијален интегритет, меѓу другото, на Обединетите Нации им упатил барање официјално да се потврди историското име на Персискиот Залив и да се се спречи понатамошното сквернавење на историјата и општоприфатените факти. Почнувајќи од 1971. година, Обединетите Нации во повеќе наврати ги предупредувале земјите членки дека единственото легитимно име на заливот кој ги раздвојува Иранската Висорамнина и Арапскиот Полуостров е Персиски Залив, и да се потрудат да не дојде до сквернавење на неговото историско име. Во 2006. година, на 23. седница на Обединетите Нации, уште еднаш е потврдено името на Персискиот Залив и наложено им е на сите земји членки тоа да биде единственото име дозволено за употреба.
Д-р Афшари додава дека веќе петнаесет години наназад, секоја година на 30. април во Иран се одржува посебна церемонија – Ден на Персискиот Залив – која за цел ја има заштитата и уважувањето на името на Персискиот Залив. На почетокот, кога оваа церемонија била востановена, претставниците на повеќето арапски земји одбивале да присуствуваат на програмата, но сега некои од тие земји се одзиваат на поканата од Иран, и не само што присуствуваат на обележувањето на овој ден, туку и земаат учество во дополнителните активности. Еден претставник на една од арапските земји, на семинарот во Есфахан изјавил: „Веќе триесет години нашите учебници лажно нè учеа дека Персискиот Залив всушност е Арапски. Сега ја исправаме неправдата и кажуваме – Персиски Залив. За да се исправи неправдата, потребно е многу упорно просветување и културна работа."
Д-р Афшари обрнува внимание на тоа дека името на Персискиот Залив секогаш било и останува една од приоритетните теми на дневниот ред на сите влади на Исламската Република. Во време на претседателствувањето на Ајатолахот Хатами, усвоен е закон со кој се нагласува дека е должност на сите органи на власта да прават максимални напори со цел да се заштити името на Персискиот Залив, а овој закон уште еднаш е потврден и на почетокот на претседателскиот мандат на д-р Ахмадинежад, и сè уште е на снага.
Д-р Афшари смета дека е потребно да се преземаат што повеќе акции со кои би се афирмирало името на Персискиот Залив. На пример, барем по една улица или плоштад, стадион или болница во секој град да се именува по Персискиот Залив; да се основаат разни здруженија кои би имале за цел да го афирмираат Персискиот Залив; да се постават адекватни информативни интернет сајтови; да се воведат предмети и семинари како Познавање на Персискиот Залив во програмите на постдипломските и докторските студии, да се печатат публикации и статии; да се одржуваат конференции и симпозиуми; да се пишуваат семинарски трудови и тези во врска со познавањето на Персискиот Залив; да се одржуваат конференции на универзитетите, во образовните центри и слично. Тоа се само некои од активностите кои би придонеле кон одбраната на земјата и зачувувањето на историското наследство на Иран.
Шефот на Истражувачкиот центар за блискоисточни студии и Персискиот Залив при Министерството за надворешни работи на Иран, д-р Афшари, смета дека она што најмногу ги вознемирува сите Иранци е всушност фалсификувањето на славната историја на Иран, во што свој удел имале скоро сите околни земји. Кога во Иран ќе се каже Персиски Залив, со тоа не се подразбира дека целиот залив му припаѓа само на Иран, исто како што не се инсистира на тоа Оманското Море да се нарекува Иранско само затоа што крајбрежјето на Иран се протега и долж неговите води!