Заклучок

Повеќето луѓе барем донекаде се запознаени со Дарвиновата теорија на еволуцијата и природната селекција. Суштината на таа теорија е дека во природата, поголема шанса за опстанок имаат оние единки кои имаат повеќе способности и можности за живот и репродукција во однос на единките кои од која било причина не се способни да ги совладаат природните услови и да им се прилагодат. Вториве се осудени на пропаст.
Посебните карактеристики и способности на секоја единка, по пат на генетско наследство им се пренесуваат на нејзините потомци, а овој процес со тек на време резултира со еволуција на пожелните особини. Сложеноста на целокупниот денешен свет се должи токму на тоа. Во проучувањето на историјата на човековата цивилизација, освен еволуцијата, од клучна важност се и мутациите кои доведуваат до случајни откритија или до промена на текот на животот и свеста. На пример, се вели дека поминале илјади и илјади години, пред човечкото суштество да го помине патот од случајното откривање на гласовната комуникација, до самата комуникација на заеднички јазик со друго човечко суштество, односно до одгатнувањето на фонетските знакови и значењата на нивните комбинации. Огнот како пронајдок и начините на негова контрола и употреба, откривањето на писмото, керамиката, металургијата, текстилот и другите човекови достигнувања – иако на почетокот сè течело многу бавно и траело предолго во споредба со брзината на денешниот напредок – секое поединечно откритие е причинител на гигантскиот напредок и забрзувањето во еволуцијата, што со време довело до подигање на човековата цивилизација на повисоко ниво и секогаш, одново и одново, отворало нови видици за иднината.
Резултатите на археолошките истражувања покажуваат дека ледената доба ја зафатила Иранската Висорамнина многу порано отколку денешната Европа (пред околу 17.000 години). Пред ледената доба ова подрачје не било прошарано со пустини, туку било прекриено со зеленило и бујна вегетација, натопено со водите на бројни реки и езера и исклучително погодно за потполно лагоден живот на првобитните човечки суштества. Испитувањата на примероците од некои археолошки локалитети, како оние во подножјето на планинскиот масив Загрос (рамнините на покраината Хузестан) и други, сугерираат дека во тие региони постоел развиен општествен и социјален живот, и дека нивните првобитни жители имале услови да припитомуваат животни, да се занимаваат со земјоделство, да ловат со помош на лак и стрела, камени сечила и слични орудија.
Еден од најголемите проблеми во тоа време било преминувањето на реките и патувањето по водените текови, што било неопходно за пронаоѓање на нови места за лов или подобри климатски или безбедносни услови за живот. Би било логично да се претпостави дека човекот научил да плива од животните; и дека по случаен сплет на околности заклучил дека со поврзување на гранки и стебла, и со простирање на животинска кожа преку нив, може да патува по поголеми водени површини
Миграциите и патувањата биле составен дел од животот. Жителите на Иранската Висорамнина на лето патувале кон север, а во зима кон југ, посебно кон плодната област на покраината Хузестан. Нашите предци инстинктивно се интересирале за пристап кон островите кои се гледале на северот на Персискиот Залив, и тој нивни стремеж ги одвел на најверојатно првото поморско патување по тиркизните води на Персискиот Залив кон крајбрежјата на островите во близина. Археолошките откритија покажуваат дека во тоа време школките и убавите и ретки камења, кои денес ги нарекуваме скапоцени или полускапоцени, биле користени за украсување и во тргувањето. Накитот и предметите какви можат да се најдат само на островите, а кои се пронајдени на бројни археолошки локалитети длабоко во внатрешноста на земјата, служат како доказ за директниот контакт помеѓу народите од тие подрачја и морето. Заедниците кои живееле во областа на Месопотамија, како и во рамнините на Хузестан (Суза), како резултат од директниот контакт со реките кои се влеваат во Персискиот Залив, односно со водите на самиот Персиски Залив, најверојатно се првите луѓе кои ги освоиле островите во Персискиот Залив. Мотивите на бранови и море се користени во шарите и цртежите кои ги красат керамичките садови на еламитската цивилизација (Суза) од 4000. година п.н.е. – што укажува на длабоката поврзаност на оваа цивилизација со морето и реките.
Со тек на време и со совладување на вештината на едрење, областа на Персискиот Залив станала средиште низ кое поминувале многубројни воени и трговски бродови, па така и Персискиот Залив добил централна стратешка улога во воспоставувањето на односи со соседните цивилизации. Во тоа време, користењето на поморските патишта спаѓало во најбезбедните и најевтините начини на превоз. Патот водел од реката Тигар, потоа преку северните брегови помеѓу плитките песочни плажи, до крајбрежјата на Персискиот Залив, кај што робата се натоварувала или истоварувала, а после назад преку Хормуз до далечните брегови на Индокина. Сè уште не се спроведени исцрпни археолошки истражувања на островите во Персискиот Залив и не е добиен недвосмислен доказ кој би потврдил дека народите со еламитско потекло живееле на тие острови, но логичен е заклучокот кој сам се наметнува – потполно е веројатно поморците од тој период да ги посетувале островите во близина на брегот, таму да ловеле риби, да ваделе бисери, а не е невозможно ни да ги користеле тие острови како привремени складишта за храна и пијалаци.
На археолозите и историчарите од новите генерации им преостанува да ги осветлат скриените тајни на ова древно место по пат на интензивни и исцрпни археолошки истражувања во регионот на Персискиот Залив, и во име на своите предци, а за добро на своите потомци, уште еднаш да го потврдат историското наследство на славното Персиско Царство – и идентитетот на Иран.

StartPrev1234NextEnd