Благодарение на богатото наследство во сите домени на човековото творештво – уметноста, фолклорот, јазикот, религијата и филозофијата – иранската култура стекнала светска афирмација, која Културниот центар во Белград се труди да им ја претстави на граѓаните на Србија и Македонија. Иранската цивилизација спаѓа во редот на оние цивилизации кои во текот на своето повеќемилениумско траење создале една од најбрилијантните култури на светот.
Културниот центар на И.Р. Иран постои од 1990. година, кога почнало да се работи на промоцијата на иранско-исламската култура – во тоа време во југословенската, а сега во српската и македонската јавност.
Активностите на Културниот центар се движат во неколку основни правци: од издавачката дејност и организирањето на курсеви за учење на персиски јазик, преку одржувањето на филмски фестивали и организирањето на изложби и разни културни манифестации.
Културниот центар на Иран е еден од ретките, ако не и единствениот странски културен центар чие издаваштво уште од самиот почеток – преку преводите на српски јазик – им се обраќало на домашните читатели. Со намера и желба што подобро и поверодостојно да им го претстави своето богато книжевно наследство, објавени се многу дела – како од персиските класици, така и од современите автори. Интересен и значаен е придонесот на Центарот во објавувањето на книги од областа на ориенталистиката („За персиската книжевност“, „Хафез и Гете“, „Ризница на персиската поезија“, „Историја на персиската книжевност“, „Иранолошки истражувања и најистакнати иранолози на територијата на поранешна Југославија“). Последното издание под наслов „Мухамед (с.а.в.с.) – возвишениот морал на Божјиот пратеник“ се состои од избрани поглавја од биографијата на пророкот Мухамед, прикажувајќи го неговиот живот и мисија во стил на автентичната исламска традиција.
Списанието НУР, тромесечник за култура и исламски теми, излегува во континуитет од 1991. година, и веќе долго време е единствено и релевантно списание на овие простори кое се бави со филозофијата и духовноста на Истокот, како и со разни аспекти на иранската култура. Досега се издадени 63 броеви од ова списание кое се дистрибуира и во републиките на поранешната СФРЈ. Значаен дел од неговите текстови сочинуваат прилози од перото на домашни автори, кои покриваат широк тематски спектар – од меѓурелигиски дијалог, преку компаративна религија, до поезија и прозни дела.
Почнувајќи од 1991. година, Иранскиот културен центар континуирано организира бесплатни курсеви по персиски јазик во Белград, а одвреме-навреме организирал и курсеви за интересентите во внатрешноста. Првиот час бил одржан во октомври 1991. година, а во наставата се користел учебникот од д-р Јадолах Самаре Persian Language Teaching Book I. На почетниот курс се запишале сто ученици, а во февруари 1992. година, испитот го положиле четириесет од нив. Веќе по месец дена, сите тие продолжиле да учат во рамките на почетниот курс, по Учебникот за персиски јазик II од истиот автор. Во 1993. година, наставата во оваа институција продолжила. Во академската година 2009/10. курсот на пет нивоа (I, II, III, IV и напреден) го посетувале околу 150 ученици. Во наставата сега се користат учебници по персиски јазик чиј автор е Ахмад Сафар Мокадам.
Курсевите за учење на персискиот јазик им пружаат прилика на учениците да научат персиски, кој како и српскиот и македонскиот, потекнува од индоевропската група на јазици. На персиски твореле вечни дела великаните на пишаниот збор Фердоси, Сади, Хајам, Хафез и Руми. Курсот по персиски јазик кој опфаќа четири степени го посетувале многубројни граѓани на Србија, меѓу кои има најмногу студенти. Комплетниот курс има четири степени – почетен I, почетен II, среден и напреден. Од академската 1999. година, персискиот јазик се изучува како изборен предмет на Катедрата за ориенталистика на Филолошкиот факултет во Белград. Заинтересираноста на граѓаните за учење на овој јазик секојдневно расте, а на уписот за 2005/06. е оборен рекордот, кога се пријавиле повеќе од триста ученици. Притоа, најуспешните ученици на курсот имаат можност да одат во Иран на додатен двомесечен курс за усовршување на персискиот јазик.
Со своите блескави остварувања, иранскиот филм веќе две децении фигурира како една од водечките и најреспектабилните национални кинематографии во светот. Една од тајните на глобалниот успех на иранската кинематографија, пред сè е директниот пристап на темите кои се од универзална важност, како што се: децата, семејството, традицијата...
Во соработка со домашните филмски институции, Иранскиот културен центар секоја година организира Фестивал на ирански филм. Досега, во соработка со Југословенската кинотека, одржани се дванаесет Фестивали на ирански филм. Еден од најзначајните, одржан во 2004. година, бил посветен на творештвото на Маџид Маџиди, режисер со светско реноме, еден од основачите на модерната школа на иранскиот филм и режисер на култните филмови „Деца на небото" (Bačehā-ye āsemān), „Бојата на рајот" (Rang-e khodā) и „Дожд" (Bārān), кој по тој повод и гостувал во Белград.
Покрај тоа, многубројни ирански филмаџии активно и успешно учествуваат на домашните филмски манифестации, на фестивали како што се: ФЕСТ, Белградскиот фестивал на документарен и краткометражен филм и Меѓународната смотра на археолошки филм. Иранскиот филм „Ноевата арка" од иранската режисерка Судабе Бабагап освоил гран-при на 51. Белградски фестивал на документарен и краткометражен филм; а краткиот филм „Студен здив" од Акбар Шахбази добил „Златна маслина" – највисоко признание во категоријата на играни филмови на 9. Меѓународен ТВ фестивал Бар 2004.
Културниот центар на Иран е организатор на бројни семинари, тркалезни маси и собири со научен, книжевен и религиски карактер. Во соработка со Гете институтот и Филолошкиот факултет, приреден е собир „Хафез и Гете“ во врска со влијанието кое Хафез – најголемиот персиски лиричар, го извршил на Гете – најпознатиот германски поет. Два семинара се одржани во чест на двајца домашни ориенталисти: Фехим Бајрактаревиќ – основач на Катедрата за ориенталистика и преведувач на Хајамовите Рубаи (2002) и академикот Јашар Реџепагиќ – признат иранолог и ориенталист (2004). Во соработка со Српската православна црква и Меѓурелигискиот центар, во 2003. година е одржан собир за сличностите помеѓу православието и исламот, на кој учествувале бројни религиски авторитети и претставници на верските заедници.
Целта на традиционалната манифестација „Денови на иранската култура", која се одржува во февруари секоја година, е запознавање на домашната јавност со богатото културно-уметничко наследство на Иран. Во рамките на оваа манифестација приредувани се изложби на теписи, ракотворби, репродукции на слики, калиграфии, минијатури и инкрустации. Одржани се повеќе концерти на кои настапувале ирански музичари, групи како „Мардане Хода", „Месиха", „Аваје дел", и во тие пригоди љубителите на ориенталниот звук имале ретка прилика да уживаат во магијата на нивното музицирање. Големо медиумско внимание привлекла Првата ревија на женска облека, кога креациите на младите ирански креаторки предизвикале вистински восхит кај посетителите.
Културниот центар на Иран располага со богати аудио, видео и CD материјали со различни содржини од образовен, верски и музички карактер. Видеотеката на Центарот поседува над петстотини наслови со играни, документарни и сериски филмови, од кои некои се преведени на српски јазик. CD материјалите опфаќаат музички, едукативни и туристички содржини, енциклопедиски изданија, збирки на персиска поезија, како и CD за мултимедијално учење на персиски јазик. Фондот на библиотеката брои неколку илјади наслови од разни области – филозофија, книжевност, религија, историја и други. Членството во библиотеката и клубот е бесплатно. Аудио/компакт дисковите и другите материјали можат да се купат во Културниот центар.