Сејед Али Хаменеи:
Достигнувања на Исламската револуција

KhameneiНашата револуција е посебна по тоа што собори еден антиисламски режим и воспостави исламски, собори еден диктаторски и угнетувачки режим, а наместо него постави демократски. Укината е зависноста на која нашата земја со децении била изложувана, а која својот најочигледен и најтрагичен облик го добила во периодот на династијата Пахлави, и нашиот народ стекна самостојност на сите полиња. Соборена е диктатурата која владееше над нашиот народ, а на нашиот народ му е дадена слобода, слободата да го изрази својот глас и своите ставови. Репресивниот режим е соборен и вратена е националната гордост. Овој голем народ, со долга историја и толку богато културно и научно наследство, бил понижен и подреден на империјалистите и меѓународните угнетувачи. Нашата револуција тоа го промени и ѝ ја врати честа на нацијата. Денес иранскиот народ има своја национална гордост, има чувство на национален идентитет. Револуцијата го поништи недостатокот на самоувереност и чувството на инфериорност кај нашиот народ, а наместо тоа на нацијата ѝ подари самоувереност. Ние се чувствувавме инфериорно, мислевме дека ни на научното, ни на политичкото, ни на военото поле не сме во состојба да направиме ништо. Мислевме дека сме слаб народ. Нè уверуваа во тоа, нѝ наметнуваа таков став. Револуцијата кај нашиот народ ги поништи таквите ставови и наместо нив нѝ донесе национална самоувереност. Ние денес знаеме дека можеме, се движиме кон реализацијата на тие наши способности и во секој поглед, со Божја помош, ги остваруваме нашите цели.

Нашиот народ бил пасивен кон политичките прашања, ги занемарувал и не обрнувал внимание на она што се случувало во земјата. Револуцијата тоа го промени и го претвори нашиот народ во свесен, политички народ. Денес нашите млади, дури и во најоддалечените краеви на земјата, се интересираат за политичките прашања, ги разбираат политичките случувања и имаат свој став по секое прашање. Пред револуцијата не било така. Бавењето со политика и разбирањето на политиката било резервирано за мала група на луѓе, чиј број можел да се изброи на прсти. Нашиот обичен свет бил далеку од случувањата во земјата. Владите доаѓале и заминувале, биле склопувани меѓународни договори, во светот се случувале големи настани, а нашиот народ не знаел ништо за тоа. Тоа се основните линии кои ги створи револуцијата во оваа земја. Тоа беа основните принципи и тие се потврдени. Тие промени не се површни и формални. Слоганите на револуцијата и денес се исти какви што беа првиот ден, и тоа е показател дека се работи за здрава револуција. Слоганите се како прсти кои насочуваат кон целите на револуцијата, кои ги осликуваат нејзините цели. Кога слоганите бидуваат потврдени низ една револуција и поредокот кој го воспоставила, тоа значи дека целите го задржале својот изворен облик, дека не се променети, дека раководството и народот не скршнале од вистинскиот пат и не ги напуштиле изворните начела. Денешните идеали на иранскиот народ се истите оние идеали од почетокот на револуцијата.

Во текот на овој период, за овие триесет и неколку години, нашите животи беа под влијание на овие основни линии на револуцијата. Остваривме некои напредоци, имавме и некои слабости и недостатоци. Треба да знаеме во што напредувавме, но да ги воочиме и нашите слабости и недостатоци. Ако ги скриваме нашите слабости, ако не ги препознаваме, ако поминуваме преку нив, тие ќе опстојат и ќе се вкоренат, а тогаш нема да можеме да ги поправиме. Затоа треба да ги знаеме сите наши силни и слаби страни.

Постојат позитивни и негативни точки, нагорни и надолни линии, но движењето и понатаму продолжува, и тоа е она што е важно. Затоа, нашите млади нека знаат: во текот на овие триесет и три години се случуваа и работи кои ние ги доживуваме како слабости, ова движење имаше и подеми, и падови. Тоа никогаш не беше исто – некогаш одеше побрзо или побавно, но движењето никогаш не престануваше. Секогаш одевме кон нашите изворни начела и денес сме сведоци на резултатите на тоа.

Нашата најважна силна страна е тоа што за овие триесет и три години не подлегнавме на никакви сплетки. Ние не сме народ кој може да ја спушти главата и да си ја работи својата работа, а притоа никој да нема ништо со него. Не, бидејќи со нас уште од првиот ден се бавеа светските сили, со нас се бавеа денешните владетели на светот. Покрај тоа што постојано нè вознемируваа, што се мешаа, нѝ наметнаа и војна – го свртеа Садам против нас и таа војна траеше осум години. Вршеа терористички напади на нас. Но ние до ден-денес ги надвладувавме сите тие сплетки. Ниедна од тие сплетки не можеше да постигне овој народ да се откаже од својата револуција, да потклекне. Ние, фала му на Бога, продолживме да стоиме и одолеваме. И тоа е нашата најважна силна страна.

Другата силна страна во текот на овој период е сè пошироката служба на власта на народот. Тоа служење на народот е неспоредливо не само со периодот непосредно пред револуцијата, туку и со кој било период во историјата на оваа земја. Тоа служење на народот ширум земјата е извонредно не само во квалитативна смисла – и материјално, и духовно – туку и во квантитативна смисла расте со секој нов ден. Тоа е уште една наша силна страна.

Следната силна страна е нашиот научен развој. Драги мои, не потценувајте го тој научен развој, бидејќи тоа е исклучително важна работа! Науката е основа на секој друг развој на една земја. Една изрека вели: „Знаењето е моќ!" Кој го има тој вид на моќ, може да ги оствари сите свои цели. Овие светски империјалисти благодарение на својот научен развој можат да го угнетуваат целиот свет. Секако, ние никогаш нема да се однесуваме како насилници, но науката нѝ е неопходна како предуслов за напредок.

Нашиот научен напредок во текот на овие триесет и неколку години е неверојатен. Денес е актуелна темата за нуклеарна технологија и сите се интересираат за неа – и кај нас, и во светот; меѓутоа, не се работи само за тоа. Имаме нуклеарна технологија, имаме вселенска технологија, имаме медицина – денес, фала му на Бога, медицината во оваа земја исклучително се развива и во таа област се изведуваат извонредни потфати – поседуваме микробиолошка наука и нанотехнологија, како последен збор на современата наука во светот. Имаме одгледување на клетки како најсовремено научно достигнување, информациони технологии, нови извори на енергија, важни радиолошки достигнувања во борбата против ракот... Списокот на сите достигнувања е предолг.

Она за што зборувам не е прашање на субјективна процена. Најугледните научни центри во светот потврдуваат дека е така. Тие тврдат дека најбрзиот научен развој во светот во последниве години се случил во Иран. Нивниот извештај за 2011. година вели дека во Иран се случил најбрзиот научен напредок во светот. Според извештаите на најугледните научни центри на светот, Иран е лидер во научниот развој на овој регион. Го досегнавме оној степен на научен развој што го зацртавме за 2025. година. Значи, имаме уште четиринаесет години пред себе. Минатогодишните извештаи велат дека во научниот поглед Иран е прв во регионот, а седумнаесетти во светот. По науката сме на седумнаесеттото место во светот, и тоа е исклучително важно. Значи, научниот развој е уште една од нашите силни страни.

Нашата следна силна страна се достигнувањата на земјата во поглед на напредокот во изградбата и развојот на комуникациите. Сите странци кои дошле и ги виделе тие достигнувања, имале само пофалби. Посебна приказна се големите дела остварени во областа на комуникациите, патиштата, телекомуникациите, градежништвото. Навистина ми е жал кога гледам дека на народот извештаите за тие дела не му се претставуваат на вистински начин, за народот да може да се израдува и да сфати што всушност се случува во земјата.

Следната силна страна е квалитативното и квантитативното зајакнување на нашите образовни центри. То ест, на нашите универзитети и верски образовни институции. И нашите верски училишта, и нашите универзитети напредуваа и квантитативно, и квалитативно.

Во поглед на тие добри страни ќе кажам уште и дека иранскиот народ треба да има на ум дека сите овие научни, општествени и технолошки успеси се постигнати и покрај санкциите, и тоа е многу важно. Пред нас ги затворија вратите на науката, вратите на технологијата, нѝ ги стеснија патиштата, не сакаа да нѝ ги продадат неопходните суровини, а ние сепак остваривме оваков напредок. Фактот што успеавме во сето тоа, и тоа под санкции, влева огромна надеж за иднината.